ДА ЈА ОДБРАНИМЕ ИСТОРИЈАТА

#дајаодбранимеисторијата

ДА ЈА ОДБРАНИМЕ ИСТОРИЈАТА

– ДЕКЛАРАЦИЈА –

Во државите создадени со распадот на СФРЈ силно е присутен ревизионистички пристап кон минатото. Историскиот ревизионизам е злоупотреба на историската наука, намерно и пристрасно искривување на претставата за минатото. Тој подразбира прилагодување на минатото за современите политички потреби, издвојување и нагласување на посакуваните и фабрикување на непостоечките податоци, селекција на историските извори, исфрлување на сé она што не им одговара на политичките идеи и програми. Наспроти ова се наоѓа посакуваното унапредување на научните сознанија, откривањето на новите историски извори и новите толкувања на веќе познатите извори, примената на нови методологии и парадигми, постојаното преиспитување и реконтекстуализација – кои се задолжителни состојки на работата на историчарот.
Сите држави имаат свои одредени политики на историјата, но националистичките идеологии и војните довеле до тоа, во државит
создадени со распадот на СФРЈ, злоупотребата на историската наука да биде особено изразена. Историската наука се користеше за психолошки да се подготват војните, како и по војните да се одржува политиката заснована на експлоатација на националистичките страсти. Историската наука ја злоупотребуваа политичарите, медиумите, многу интересни групи, но и самите историчари.
Историскиот ревизионизам се применува за да се одржат старите и да се создадат нови митови, да се зајакнуваат стереотипите, да се развивааат предрасудите и омразата кон соседите. „Ние“ сме секогаш жртва, „другите“ се секогаш виновни за сé. Со самовиктимизацијата се прави параноидна свест за историјата, која ја ослободува жртвата од сите морални обѕири и поттикнува желба за одмазда. Со самосожалувањето се хомогенизира нацијата, се збиваат нејзините редови, се потиснува плуралноста, а поединци и општествени групи тонат во замислениот „биолошки“ или „духовен“ колектив. Улогата на жртвата не скаменува во минатото и не ни дозволува да тргнеме напред.
Во сите држави настанати на тлото на СФРЈ историјата на Втората светска војна е предмет на манипулација. Со ревизионистичкиот пристап фактите утврдени со научна методологија се исфрлаат од историјата, а се внесува она за што нема основа во историските извори. Така во нашите општества се бришат јасните морални координати, се губи границата помеѓу фашизмот и антифашизмот и
се создава опасност да се повторат злосторствата од минатото.
Денес историјата е простор каде војните настанати со распадот на СФРЈ продолжуваат да се водат со „други средства“. Овие војни се на најдобар пат да станат подложни на политички манипулации како и Втората светска војна. Годишниците и јубилеите се користат за националистичка мобилизација и зацврстување на авторитарната власт. Нема пиетет, ниту емпатија за „туѓите“ жртви. Нема ниту обид, со дистанца од речиси триесет години од почетокот на овие војни, секоја страна да се соочи со сопствената улога и одговорност. Денес историјата е „резервна воена позиција“ на која тлеат непријателствата кои ги разоруваат нашите општества.

Затоа неопходно е да се застане во одбрана на историската наука и да се направи сé за да се сопре нејзината злоупотреба

Ние, потписниците на оваа Декларација, стоиме зад следниве принципи:

1. Историјата е наука.
Таа не е плод на произволно мислење и мора да се заснова на истражување на историските извори, нивна проверка и споредба, утврдување на прецизни и проверени факти, нивна анализа и синтеза.

2. Историјата е динамична.
Како и секоја наука, историјата постојано доаѓа до нови сознанија, пронаоѓа нови историски извори, ги поврзува и ги реинтерпретира. Ревизијата на историјата е резултат на новите истражувања. Наспроти тоа, историскиот ревизионизам претставува манипулирање со историските факти за постигнување на зададена политичка цел.

3. Историјата е дисциплина на критичкото мислење.
Таа не е табу кое служи за засилување на националните чувства и идентитетските политики, ширење на стереотипите и предрасудите. Таа треба нас да не учи како се проверува веродостојноста на податоците, како да препознаеме манипулации и злоупотреба на минатото.

4. Историјата е мултиперспективна.
Историските факти се утврдуваат со научна методологија, но толкувањата на тие факти можат да бидат различни, бидејќи зависат од перспективата од која се набљудуваат. Тоа не значи дека минатото треба да се релативизира, туку значи дека толкувањето на минатото е сфера на дебата во која мораат да се земат во предвид релевантните факти и спротивставените мислења, без прикривање на податоците кои не се вклопуваат во посакуваната политичка слика.

5. Историјата е целовита.
Од минатото не смее да се зема она што ни се допаѓа и да се отфрла она што не одговара на моменталните политички потреби! Не смее да има политички и идеолошки условени селекции, подобни и неподобни историски периоди, држави, народи, општествени групи, идеи, движења…

6. Историјата е наднационална.
Историјата не може да се ограничи на етничките граници. Не можеме исклучиво да се бавиме со самите себе, бидејќи така губиме контакт со реалноста. Минатото е испреплетено, поврзано и меѓусебно зависно. Нациите, државите и општествените групи настануваат, постојат и се развиваат преку меѓусебни контакти. Само во таква сложеност и меѓусебна зависност можеме да ги разбереме минатото и сегашноста.

7. Историјата е контекстуална.
Минатото, како и сегашноста, не можe да се разберe одвоено, изместено од контекстот, сведено на некој тесен проблем. На минатата реалност влијаеле многу чинители така што затворањето во тесни рамки е манипулација со историската наука, а со тоа се попречува разбирањето на минатото и соработката помеѓу историчарите.

8. Историјата е рационална.
Историјата не е мит, догма, религија, идеологија или емоција. Во
неа не се верува, на неа не ѝ се суди, таа не се обвинува, за неа не се навива. Таа го истражува минатото, настојува да го разбере и да го објасни. Таа нас нé учи да ја разбереме сложеноста на минатото за да можеме рационално да се соочуваме со сегашноста и реално да ја проценуваме иднината.

9. Историјата е слободна.
Како и секоја наука, историјата може да се развива само ако истражувањата се слободни од какви било политички, идеолошки, верски или економски притисоци. Не може да има подобни и неподобни историчари, „патриоти“ и „предавници“.

10. Историјата е одговорна.
Сегашноста се гради врз основа на претставата за минатото. Сегашноста е загрозена ако минатото се злоупотребува, ако се премолчува, ако во него се допишува она што не се случило, ако се „заборава“ и релативизира она што било. Со тоа создаваме лажна претстава за сегашноста, чии проблеми не можеме да ги согледаме, а со тоа ниту да ги решиме. Историчарите мораат да бидат општествено одговорни.
Поради наведеното, ние, составувачите и потписниците на оваа Декларација, бараме:

1. Од историчарите: цврсто да се држат до највисоките стандарди во утврдувањето на фактите и да се борат за примена на научните историографски методи, особено кога се во прашање осетливи и контроверзни теми од минатото;

2. Од политичките елити: да водат одговорна политика на историјата, да престанат со злоупотребување на минатото и да не се потпираат на историчарите, интелектуалците и интересните групи кои потпалуваат националистички страсти и кои се во меѓусебен судир заради јакнење на своите политички позиции;

3. Од домашните и европските парламенти: да престанат да носат закони, резолуции, преамбули и други акти со кои се наметнува „историска вистина“ и подобно толкување на минатото, бидејќи со тоа директно се вклучуваат во прекројување на историјата и опасни манипулации со минатото;

4. Од судовите: да водат сметка за утврдените историски факти во текот на примената на законот за да не придонесат во засилувањето на псевдоисторијата и рехабилитацијата на докажаните колаборационисти од Втората светска војна, како и на сите оние одговорни за воените злосторства од неодамнешното минато;

5. Од министерствата за науката: да поттикнуваат и финансиски да поддржуваат проекти кои слободно и критички ќе ги
истражуваат сите теми од научен интерес, па и оние темните, контроверзни страни од сопствената историја; финансиски да поддржуваат заеднички научни проекти на соседните земји за да се развива мултиперспективен пристап за настаните од минатото.

6. Од министерствата за образование: наставата по историја да не ја претвораат во предмет кој служи исклучиво за формирање на националниот идентитет и ширење на омразата. Историјата треба да биде водечки училишен предмет за стекнување критичко мислење, засновано исклучиво врз современите пристапи во историското образование во кои нема да има табуа. Министерствата треба да поддржат размена на универзитетски професори и наставници во училиштата;

7. Од министерствата на културата и сите органи на власта кои се бават со политики на сеќавање: да престанат со праксата на подигнување на споменици и отворање на нови музеи посветени на поединци или организации кои учествувале во ширење на омразата и злосторствата. Таквата политика на сеќавање служи само за ширење и одржување на омразата, на тензиите и на страствени хомогенизации;

8. Од медиумите: да се однесуваат одговорно кон минатото, критички да се однесуваат кон параисторичарите и историчарите кои промовираат нетолеранција и го искривуваат
минато, да не преземаат непроверени податоци, да не премолчуваат историски факти и да не го користат минатото за разгорување на антагонистичките политики;

9. Од локалните власти: да престанат да именуваат училишта, улици, студентски домови и други јавни објекти по личности кои во текот на Втората светска војна и во текот на последните војни повикувале на етничка омраза и антисемитизам или биле одговорни за воените злосторства;

10. Од наставниците по историја: да ги следат новите методи на проучување на минатото, да вежбаат со учениците практични вештини и критичко мислење, да ги поттикнуваат учениците на работа со историски извори и да го преиспитуваат секое тврдење за минатото. Без критичко мислење во наставата по историја се засилуваат авторитарната свест и исклучивоста кај младите.